Властите во Непал започнаа законска постапка за прогласување за мртви на илјадниците лица кои исчезнаа во катастрофалните поплави кон крајот на август, откако три месеци нема никаква трага од нив, пренесува агенцијата АФП.
Во природната катастрофа загинаа повеќе од 1.400 луѓе, додека над 5.500 лица сè уште се водат како исчезнати.
„Почнавме постапка за прогласување на исчезнатите за мртви, откако ќе ги провериме нивните податоци“, изјави Рам Бахадур КЦ, портпарол на Управата за управување со катастрофи.
Досега властите објавиле списоци со околу 4.000 исчезнати лица, меѓу кои има и 623 странски државјани. Граѓаните се повикани да пријават евентуални грешки пред да бидат донесени официјалните одлуки.
По дополнителните проверки, списоците би можеле да бидат проширени со нови имиња.
Непал минатиот месец направи законски измени со кои рокот за прогласување на исчезнатите жртви од природни катастрофи за мртви е скратен од 12 години на околу шест недели.
Со измените се овозможува побрзо завршување на законските постапки за семејствата на исчезнатите.
Спасувачките екипи досега пронашле и идентификувале само 112 тела, кои им биле предадени на семејствата.










