Најмалку 14 лица го загубија животот, а шестмина се хоспитализирани во критична состојба, откако преку ноќ консумирале токсичен пијалок во северниот индиски регион Пенџаб, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил во пет села во близина на градот Амритсар. Локалните власти информираат дека досега се уапсени седум лица, осомничени за дистрибуција на алкохолни пијалоци со штетни додатоци.
Полицијата спроведе и рација со цел да се пресече синџирот на снабдување со нелегални пијалоци во регионот, а на терен се испратени медицински тимови кои вршат прегледи на лицата што го консумирале сомнителниот напиток.
Оние кои покажале симптоми на труење веднаш биле пренесени во болница, со цел да се спречи натамошно зголемување на бројот на жртви. Засега не е објавено кои состојки го предизвикале труењето.
Смртни случаи предизвикани од домашно произведени алкохолни пијалаци не се реткост во Индија, особено во руралните средини, каде што овие пијалаци се продаваат по ниски цени, но често се небезбедни за здравјето.