Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската делегација ќе биде присутна во Истанбул и ќе ја чека украинската страна на предложените мировни преговори, планирани за 15 мај. Изјавата е дадена за новинарот Павло Зарубин на телевизијата „Русија 1“, а видеото беше објавено на Телеграм каналот на Зарубин.
„Нашата делегација ќе биде таму и ќе ја чека украинската страна“, потврди Песков.
Сепак, тој одби да открие кој ќе биде во составот на руската преговарачка екипа, ниту прецизираше кога точно ќе започне состанокот, нагласувајќи: „Не можам да кажам сега. Кога ќе има наредба од претседателот Владимир Путин, тогаш ќе постапиме соодветно.“
Руската страна минатиот викенд предложи продолжување на директните преговори со Украина без предуслови. Претседателот Путин нагласи дека не исклучува можност за постигнување на реален прекин на огнот, под услов Киев навистина да го почитува договореното.
Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски реагираше со контрапредлог: барање за целосен прекин на огнот од 30 дена, започнувајќи од 12 мај, по што би се прифатиле разговори со Москва.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина да го прифати предлогот на Кремљ без одлагање. Како одговор, Зеленски потврди дека ќе допатува во Турција и го повика Путин лично да присуствува на разговорите во четврток.