Најмалку 24 лица загинаа, а десетици се повредени во силен бомбашки напад врз воз што превезувал воен персонал во Балуџистан, соопштија пакистанските власти.
Нападот се случил во близина на преминот Чаман Фатак во Квета, кога експлозивно возило удрило во возот „Jaffer Express“, предизвикувајќи силна детонација и голема материјална штета.
Според првичните информации, бројот на повредени се движи меѓу 50 и 80 лица, додека спасувачките екипи продолжуваат со интервенции на терен.
Одговорноста за нападот ја презеде Ослободителна војска на Балуџистан, вооружена група која се бори за независност на провинцијата.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф остро го осуди нападот, оценувајќи го како „гнусен терористички чин“ и порача дека државата ќе продолжи со борбата против екстремизмот и насилството.
Според снимките објавени од местото на нападот, повеќе вагони биле целосно уништени и зафатени од пожар, а околу железничката линија имало расфрлани остатоци од експлозијата.









