Трамп ја навреди новинарката на Си-Ен-Ен по прашање за Русија
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно влезе во жестока расправија со новинарите, откако новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлан Колинс, му постави прашање за американските санкции кон Русија.
Инцидентот се случил во средата, 21 октомври, пред Белата куќа, додека Трамп одговарал на новинарски прашања.
Колинс побарала објаснување дали одлуката на Вашингтон да не воведе одредени санкции кон Москва била поврзана со ослободувањето на американскиот државјанин Стивен Хабард, кој со години бил затворен во Русија.
„Немаш поим за што зборуваш. Ти си личност со низок коефициент на интелигенција. Глупава си и работиш за Си-Ен-Ен“, ѝ одговорил Трамп.
Новинарката продолжила да бара одговор, посочувајќи дека претседателот претходно тврдел оти САД не направиле никаква отстапка за ослободувањето на Хабард.
Трамп, пак, објаснил дека воведувањето санкции во текот на преговорите би го оневозможило враќањето на американскиот државјанин.
„Вклучи го мозокот“, ѝ порачал претседателот.
Расправијата предизвика реакции бидејќи Трамп истовремено тврдеше дека не направил отстапки кон Русија, но и дека санкциите би го спречиле ослободувањето.
Само еден ден претходно, претседателот имал уште еден непријатен разговор со новинар.
На 20 октомври, во Овалната соба, Трамп го прекинал дописникот на британски „Индипендент“, Ендрју Фајнберг, додека поставувал прашање за терените за голф.
„Молчи! Што не е во ред со тебе? Дали си болен?“, му се обратил Трамп.
Снимките од двете расправии се проширија на социјалните мрежи и повторно го привлекоа вниманието кон односот на американскиот претседател со новинарите.








