Силен земјотрес од 7 степени го погоди Тибет: 16 загинати и над 12.000 евакуирани
Најмалку 16 лица загинаа, а бројот на повредени се искачи на 76 по силниот земјотрес со магнитуда од 7 степени што го погоди Тибет, во југозападниот дел на Кина.
Земјотресот се случил во четвртокот, 22 октомври, околу 22:33 часот по локално време, додека голем број жители спиеле во своите домови.
Епицентарот бил во областа Нагчу, ретко населен регион во северниот дел на Тибет, на голема надморска височина.
Според кинеските власти, ова е најсилниот земјотрес што ја погодил земјата од јануари 2024 година.
Силните потреси предизвикале оштетувања на стотици домови, а дел од жителите панично ги напуштиле куќите и побарале засолниште на отворено.
Повеќе од 12.000 луѓе биле евакуирани на побезбедни локации, додека спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат оштетените објекти.
На терен биле испратени над 300 полицајци, заедно со спасувачи и медицински тимови.
На снимките објавени од локалните медиуми се гледаат припадници на спасувачките служби како во темница носат опрема, прегледуваат оштетени згради и им помагаат на погодените жители.
Еден од преживеаните раскажал дека силниот потрес го разбудил од сон, додека слушал како конструкцијата на неговата куќа крцка.
Кинескиот центар за сеизмолошки мрежи регистрирал 413 последователни потреси, што дополнително ја отежнува состојбата во погодените населени места.
Властите предупредуваат дека оштетените згради претставуваат опасност поради можноста од дополнителни уривања.
Спасувачките операции продолжуваат, додека службите ја проценуваат материјалната штета и обезбедуваат помош за евакуираното население.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА









