Моќниот тајфун Чампи го парализира Тајван: Еден загинат и десетици повредени
Моќниот тајфун Чампи предизвика сериозни нарушувања во Тајван, каде што училиштата, голем број продавници и државни институции останаа затворени поради силните ветрови и поројните дождови.
Според најновите информации, едно лице загинало, а 94 се повредени, додека речиси 1.300 жители биле евакуирани од планинските подрачја.
Бурата, која претходно достигнала категорија супертajфун, во најсилната фаза имала ветрови со брзина до 298 километри на час.
Иако во меѓувреме ослабела, Чампи и понатаму претставува сериозна опасност за населението.
Тајванските власти ги откажаа сите 262 домашни летови, како и повеќе од 350 меѓународни летови, додека финансиските пазари останаа затворени.
Во главниот град Тајпеј јавниот превоз продолжи да функционира, но со намален обем.
Метеоролошките служби предупредија дека влијанието на бурата може да трае речиси два дена, со обилни врнежи, силни ветрови и опасни услови во крајбрежните области.
Според прогнозите, центарот на тајфунот треба да помине во близина на североисточниот дел на Тајван, по што се очекува да продолжи кон југозападните јапонски острови.
Надлежните служби ги повикаа граѓаните да избегнуваат движење покрај брегот, планински активности и непотребни патувања додека трае невремето.
Илјадници припадници на војската и спасувачките служби се ставени во состојба на готовност за евентуални интервенции.
Тајфунот веќе предизвика нарушувања и во делови од Јапонија и Филипините, каде што беа откажани летови и прекинати одредени поморски линии.









