Туристка загина во италијанските Доломити додека се обидувала да направи фотографија
Трагичен инцидент во италијанските Доломити го одзеде животот на 36-годишна американска туристка, која паднала во бездна длабока околу 300 метри, додека се обидувала да стигне до место со панорамски поглед.
Несреќата се случила на 17 октомври, во близина на планинскиот превој Форчела Пордои, на надморска височина од приближно 2.750 метри.
Жртвата е идентификувана како Мишел Алехандра Рубио Леива, туристка од Флорида, која била на семеен одмор во Италија.
Според италијанските медиуми, таа пешачела со група туристи кон жичарница што води до познат панорамски ресторан на планината Сас Пордои.
Во еден момент, наводно ја напуштила означената патека за да стигне до место од кое сакала да направи фотографија.

Таму се лизнала и паднала по стрмна карпеста падина.
Најпотресно е што несреќата се случила пред очите на нејзината сестра, која беспомошно го гледала падот.
Случајни минувачи веднаш ги повикале спасувачките служби, кои околу пладне испратиле планински спасувачи и медицински хеликоптер.
Лекарскиот тим пристигнал на местото на несреќата, но можел само да ја констатира смртта на туристката.
Спасувачите потоа организирале сложена операција за извлекување на телото од непристапниот планински терен.
Членовите на семејството најпрво биле пренесени со хеликоптер во блискиот град Канацеи, а потоа таму било пренесено и телото на загинатата жена.
Несреќата уште еднаш потсетува на опасностите од напуштањето на означените планински патеки, особено во области со стрмни карпи и големи висински разлики.







