Денеска се празнуваат Светите маченици Евлампиј и Евлампија
Православната црква денеска, 23 октомври, односно 10 октомври според стариот календар, го одбележува споменот на Светите маченици Евлампиј и Евлампија, брат и сестра кои останале верни на христијанството и покрај суровите прогонства.
Според црковното предание, тие живееле во Никомидија, во времето на римскиот цар Максимијан, кога христијаните биле изложени на жестоки прогони.
Младиот Евлампиј бил испратен во градот да набави храна за верниците кои се криеле од властите. Таму забележал царска наредба за прогон на христијаните, која ја симнал и ја искинал.
Поради овој чин бил уапсен и изведен пред судија, кој побарал од него да се откаже од верата во Исус Христос.

Евлампиј одбил, по што бил изложен на тешки мачења.
Кога неговата сестра Евлампија дознала што му се случува, доброволно дошла да ја сподели неговата судбина.
И таа одбила да се откаже од христијанската вера, поради што била подложена на сурови казни.
Според православното предание, братот и сестрата биле фрлени во врела смола и вжарена печка, но чудесно останале неповредени благодарение на молитвата и крсниот знак.
На крајот, Евлампиј бил погубен со отсекување на главата, додека неговата сестра починала непосредно пред извршувањето на смртната казна.
Црковното предание раскажува дека нивната истрајност поттикнала уште 200 луѓе да го прифатат христијанството, по што и тие биле погубени.
Православната црква ги почитува Светите Евлампиј и Евлампија како симболи на непоколеблива вера, пожртвуваност и духовна храброст.







