Најмалку две лица го загубија животот, а околу 20 се повредени во силна експлозија што се случи во дом за стари лица во градот Бристол, во сојузната држава Пенсилванија, информираат американските медиуми.
Според првичните информации, полицијата подоцна го зголеми бројот на жртви на три лица, но како што изјави началникот на полицијата Чарлс Виник, еден од пациентите кој бил реанимиран успеал да преживее и во моментов се наоѓа на лекување во болница. Овие информации ги пренесува Си-Би-Ес.
По експлозијата, на терен интервенирале голем број итни служби, а повредените биле итно транспортирани во пет локални болници за укажување лекарска помош. Надлежните институции соопштија дека сите лица кои се наоѓале во објектот се пронајдени и евакуирани.
Во моментов се спроведува истрага за утврдување на причините за експлозијата, а официјалните лица најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени откако ќе заврши увидот и ќе се утврдат сите околности околу овој трагичен настан.
















