ПРВ.мк
Македонија

ВНИМАВАЈТЕ ВОЗАЧИ: „Safe City“ камери поставени и во овој град!

ВНИМАВАЈТЕ ВОЗАЧИ: „Safe City“ камери поставени и во овој град!
Kristal

Во Тетово започна поставувањето на камери од системот „Безбеден град“ на повеќе градски улици и булевари, со цел подобрување на сообраќајната безбедност и ред во градот. За разлика од претходно, кога вакви камери имаше само на влезот од градот од скопска страна, сега тие се инсталираат и во самото градско подрачје, што значително ја проширува контролата.

Веќе се поставени камери на булеварите „Илинден“ и „Видое Смилевски-Бато“, а жителите забележуваат уреди и на други локации низ градот. Граѓаните со надеж гледаат на новиот систем, очекувајќи дека тој ќе помогне во намалување на сообраќајниот хаос, кој со години претставува еден од најголемите проблеми во Тетово.

„Поставувањето камери е неопходно со оглед на тоа каков сообраќаен хаос владее во градот. Останува да се види дали навистина ќе има ефект и дали граѓаните ќе почнат повеќе да ги почитуваат правилата“, изјави еден жител. Други граѓани сметаат дека автоматизираниот систем ќе ја намали можноста за избегнување казни. „Тетово отсекогаш било специфично кога станува збор за почитување на сообраќајните правила. Но, кога казнувањето е автоматизирано, потешко е да се избегне одговорност“, додаде една жителка.

Системот „Безбеден град“ веќе функционира во Скопје и Куманово, како и на автопатите „Мајка Тереза“ и „Пријателство“. Тест-периодот започна на 1 декември, а официјалното изрекување казни ќе почне на 1 февруари. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека во првите 24 часа од тестирањето биле регистрирани над 110 илјади сообраќајни прекршоци, што укажува на сериозноста на проблемот и потребата од вакви мерки за контрола на сообраќајот.

Со поставувањето на камерите, се очекува да се зголеми дисциплината на учесниците во сообраќајот, да се намалат сообраќајните прекршоци и да се создаде побезбеден урбан простор за граѓаните на Тетово.

FixCredit
Escape