Во моментот, Европа е поделена – од една страна стојат оние кои се залагаат за мир, а од друга страна – оние кои го поттикнуваат конфликтот, изјави денес унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според него, во моментов провоената страна има предност.
Во божиќно интервју за унгарскиот „Немзет“, Орбан истакна дека минатата недела во Брисел успеале да го забават процесот на движење кон војна. „Имаше такви кои сакаа да го забрзаат тој процес, но успеавме да ги блокираме. Сепак, процесот не беше запрен, само забавен. Во моментов, провоената страна има предност“, рече тој.
Премиерот предупреди дека не може да се исклучи можноста тековната година да биде последната година на мир во Европа. Тој посочи дека Европа е навикната на мир повеќе од осумдесет години, откако заврши Втората светска војна, а нуклеарното оружје го задржувало континентот подалеку од војна.
Според Орбан, вистинската причина за ескалацијата на руско-украинскиот конфликт лежи во политичкиот, економскиот и социјалниот пад на Западна Европа. „Овој процес започна во средината на 2000-тите и беше забрзан од лошите одговори на финансиската криза. Пред дваесет години, економските перформанси на ЕУ и САД беа приближно на исто ниво. Денес, Америка се издига, додека Европа се лизга надолу“, рече Орбан.
Тој го коментираше и зголеменото вооружување на европските земји, нарекувајќи го „историски рефлекс“. „Ако не можат да се натпреваруваат со региони што се развиваат побрзо, тие се обидуваат да генерираат раст преку воена економија. Ова е и причината за приклучувањето на Европа во украинско-руската војна. Сепак, тоа не беше неизбежно – во февруари 2022 година Европа можеше да испрати мировна мисија и да не ја прогласи војната за свој конфликт“, додаде премиерот.
Што се однесува до перспективата за членство на Украина во Европската Унија, Орбан оцени дека тоа е повеќе „засладување на ситуацијата“. „Членството во ЕУ не значи гаранција за одбрана. Покрај тоа, тоа никогаш нема да се оствари. Унгарија се спротивставува на почетокот на преговорите, а во некои западноевропски земји би било потребно парламентарно одобрение или референдум. Тоа нема да се случи“, истакна Орбан.















