Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) открила организирана мрежа за шверц на фалсификувани кондоми, при што во неколку европски земји биле запленети повеќе од 200.000 парчиња со потекло од Кина. Станува збор за производи кои, според надлежните, претставуваат сериозен ризик за здравјето на потрошувачите.
Според официјалните информации, спорните пратки биле лажно пријавувани како играчки со цел полесно да ја поминат царинската контрола. Дел од нив биле откриени и запленети во Романија, Србија и Шпанија, а вкупната вредност на конфискуваната стока се проценува на повеќе од 200.000 евра.
Од ОЛАФ предупредуваат дека овие фалсификувани производи не ги исполнувале строгите здравствени и безбедносни стандарди што важат во Европската Унија. Според институцијата, кондомите не биле подложени на задолжителни тестирања за микробиолошка исправност, отпорност на кинење, биокомпатибилност, рок на употреба и други проверки кои гарантираат безбедност за корисниците.
Директорот на ОЛАФ, Петер Клемент, нагласил дека ваквите производи претставуваат сериозна опасност.
„Фалсификуваните кондоми се опасни. Тие не се тестирани, не се контролирани и не се безбедни“, изјавил Клемент.
Истрагата покажала дека производите биле пласирани на пазарот под името и логото на познат бренд, со што потрошувачите можеле лесно да бидат доведени во заблуда. Сепак, надлежните засега не откриваат за кој бренд станува збор, ниту колкав дел од вкупната количина успеал да стигне до купувачите пред заплената.
Во соработка со кинеските власти, ОЛАФ успеал да го идентификува извозникот што стоел зад спорните пратки, но неговиот идентитет во оваа фаза од истрагата не е објавен.
Надлежните институции предупредуваат дека употребата на вакви фалсификувани кондоми може значително да го зголеми ризикот од сексуално преносливи инфекции, несакана бременост, како и изложеност на небезбедни материјали и потенцијално штетни хемиски супстанции. Истрагата продолжува, а европските служби најавуваат засилени контроли за спречување на вакви нелегални пратки во иднина.








