ПРВ.мк
Свет

Сите погледи кон РКЕ: Утре се очекува нов ценовник на горивата, можни се три сценарија

Сите погледи кон РКЕ: Утре се очекува нов ценовник на горивата, можни се три сценарија

Возачите во Македонија утре, 13 октомври, ја очекуваат новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која треба да ги утврди максималните малопродажни цени на горивата.

За разлика од вообичаената практика, одлуката нема да биде донесена денеска, бидејќи 12 октомври е неработен ден по повод празникот 11 Октомври, кој годинава се падна во недела.

Минатата недела РКЕ донесе одлука за значително намалување на цените на нафтените деривати, што претставуваше олеснување за возачите.

Според последниот ценовник, кој важи од 6 октомври, ЕУРОДИЗЕЛ се продава по максимална цена од 97 денари за литар, откако поевтини за три денари.

Цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 98,50 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 чини 100,50 денари за литар. Двата вида бензин поевтинија за по 1,50 денар.

Просечното намалување на цените на дериватите изнесуваше 1,85 проценти.

Сега останува неизвесно дали ќе продолжи трендот на поевтинување, дали цените ќе останат непроменети или ќе следува ново поскапување.

При пресметката РКЕ ги зема предвид движењата на берзанските цени на нафтените деривати, девизниот курс и другите трошоци предвидени со методологијата.

Конечниот одговор се очекува утре, кога треба да биде објавен новиот ценовник, а секоја промена ќе има директно влијание врз трошоците на граѓаните и компаниите.