Четиринаесетгодишно момче се здобило со повреди опасни по живот откако било погодено од силен струен удар додека се возело на покривот на регионален експресен воз во германскиот град Келн.
Несреќата се случила во неделата, 11 октомври, околу 21 часот, додека тинејџерот учествувал во опасна активност позната како „сурфање на воз“.
Според првичните информации, до струјниот удар дошло поради приближување до високонапонските водови над железничката пруга.
Германскиот „Билд“ објави дека меѓу контактната електрична мрежа и момчето се создал електричен лак, кој предизвикал тешки повреди.
Патниците слушнале силен тресок и крици, по што веднаш го известиле машиновозачот. Тој активирал итно сопирање и го запрел возот во близина на улицата Полигштрасе.
Спасувањето било сложено бидејќи момчето останало на покривот на вагонот. Пред интервенцијата, надлежните морале да го исклучат напојувањето и да ја обезбедат електричната мрежа.
Откако опасноста била отстранета, спасувачите го симнале тинејџерот и му укажале итна медицинска помош.
Според полициските информации, момчето се здобило со изгореници на околу 80 проценти од површината на телото.
Поради сериозноста на состојбата, бил ангажиран спасувачки хеликоптер за итен транспорт до болница.
Полицијата спроведува истрага за да утврди како малолетникот успеал да се качи на покривот на возот и под кои околности се случила несреќата.






