Тешко убиство се случило во неделата вечерта во селото Пограџе, во близина на Гњилане во Косово, каде што животот го загубил маж, а според пишувањата на локалните медиуми, за злосторството е осомничен неговиот татко.
Според информациите од косовската полиција, случајот бил пријавен околу 19:30 часот, по што полициските екипи започнале истрага за утврдување на околностите.
Осомничениот по убиството побегнал и по него се трага.
Медиумите во Приштина објавуваат дека жртвата била убиена од сопствениот татко, но засега не се соопштени официјални детали за мотивите на злосторството.
Ова е втор случај на убиство во општина Гњилане во период од само три дена, при што вкупно три лица го загубиле животот.
Во петокот, во селото Долни Ливоч, маж ги убил својата сопруга и нејзиниот брат, додека другиот брат на сопругата бил ранет.
Серијата насилни инциденти предизвикала сериозна загриженост за безбедносната состојба во општината.
По најновото убиство, градоначалникот на Гњилане, Албан Хисени, соопштил дека за понеделник наутро свикал итен состанок на Општинскиот совет за безбедност.
На состанокот треба да се разгледаат последните случувања и безбедносната состојба во регионот.
Полицијата продолжува со истрагата, а се очекуваат дополнителни информации за околностите под кои се случило убиството и за потрагата по осомничениот.






