ПРВ.мк
Свет

Си-ен-ен со голема пофалба за Македонија: Една од последните неоткриени туристички убавини во Европа

Си-ен-ен со голема пофалба за Македонија: Една од последните неоткриени туристички убавини во Европа

Македонија доби големо меѓународно признание откако американскиот медиум Си-ен-ен ја претстави како една од ретките преостанати туристички дестинации во Јужна Европа со прекрасна природа, вкусна храна, квалитетно вино и без масовни туристички гужви.

Во туристичката репортажа, првично објавена во декември 2025 година, а ажурирана во октомври 2026 година, Македонија е опишана како недоволно истражена земја со богата историја, гостопримливи луѓе и автентични традиции.

Посебно внимание Си-ен-ен посветува на Охрид, кој го нарекува „крунски бисер“ на Македонија.

Американскиот медиум ги издвојува Охридското Езеро, Свети Наум, Маврово, Бигорскиот манастир, Шар Планина, Преспа и Националниот парк Галичица.

Во репортажата се нагласува дека многу туристи само транзитираат низ Македонија на пат кон Грција или Албанија, иако земјата има доволно природни и културни богатства за самостојно туристичко патување.

Голем простор добива и македонската традиционална кујна.

Ајварот, бурекот, ќебапите, пастрмајлијата и ракијата се меѓу специјалитетите што ги издвојува Си-ен-ен, додека Тиквешкиот регион е претставен како значајна винска дестинација.

Не е заборавено ниту Скопје, со Старата чаршија, Водно, Милениумскиот крст и кањонот Матка.

Американскиот медиум посебно ги истакнува кафеаните, традиционалната атмосфера и руралниот туризам како важни делови од македонското искуство.

Заклучокот е дека Македонија на релативно мал простор нуди извонредна комбинација од планини, езера, гастрономија, историја и локални традиции, без пренатрупаноста што ја има во многу популарни европски дестинации.

Најнови вести