ПРВ.мк
Црна Хроника

Регионалното подземје врбува млади од Македонија: Им ветуваат брзи пари, а ги испраќаат на опасни задачи

Регионалното подземје врбува млади од Македонија: Им ветуваат брзи пари, а ги испраќаат на опасни задачи

Организирани криминални групи во регионот сè почесто регрутираат млади лица од Македонија за извршување тешки кривични дела во Србија, меѓу кои вооружени напади и поставување експлозивни направи, објавува српски „Блиц“.

Според информациите што ги пренесува медиумот, најмалку 16 млади лица од Македонија во последните години биле поврзани со криминални структури во Србија, а меѓу нив имало и малолетници.

Регрутацијата наводно започнува со ветувања за голема заработка, брзи пари и напредување во криминалната хиерархија.

Поранешниот оперативец на Државната безбедност, Божидар Спасиќ, тврди дека лица поврзани со криминалните организации доаѓаат во Македонија, посетуваат кафулиња и бараат млади кои би можеле да ги ангажираат за одредени задачи.

Според него, дел од кандидатите биле избирани и по препорака на криминални босови.

Особено загрижува фактот што меѓу регрутираните има малолетници, лица без претходно криминално искуство, но и млади со проблеми поврзани со дрога и коцкање.

Професорката Драгана Батиќ предупредува дека децата без родителска грижа, младите од улица и оние од дисфункционални семејства можат да бидат особено ранливи на криминално врбување.

Според објавените информации, регрутацијата се засилила во 2024 година, а по пристигнувањето во Србија, младите добивале инструкции преку затворени комуникациски канали.

На некои, наводно, им биле одземани и личните документи, што дополнително им го отежнувало напуштањето на криминалните групи.

Безбедносните експерти предупредуваат дека ваквите мрежи би можеле дополнително да се прошират, вклучително и кон трговијата со наркотици, доколку не се спречи регрутацијата на млади лица.

Најнови вести