Во Швајцарија, висината на казната за потешки сообраќајни прекршоци не се пресметува само според тежината на делото, туку и според финансиската состојба на прекршителот. Тоа го почувствувал еден мултимилионер, фатен како вози 77 км/ч во зона со ограничување од 50 км/ч.
За овој прекршок, судот му изрекол казна од 90.000 швајцарски франци (приближно 95.500 евра). Од оваа сума, веднаш мора да плати 10.000 франци, додека останатите 80.000 се условни – ќе бидат избришани ако во следните три години не направи нов прекршок.
Системот, познат како „дневни казни“ (Tages-Satz), прво утврдува број на казнени денови врз основа на делото, а потоа го множи со дневниот приход на сторителот. Така, и сиромашните и богатите добиваат иста казна во „денови“, но плаќаат различна сума.
Сличен модел користи и Финска, каде во 2023 година бизнисмен плати рекордна казна од 121.000 евра за брзо возење.
Овој пристап предизвикува дебата – за некои е пример за вистинска праведност, а за други прекумерно оптоварување на богатите. Но целта е иста: казната да биде еднакво чувствителна за сите, без разлика на дебелината на банкарската сметка.