ПРВ.мк
Свет

ШЕСТ ЗЕМЈИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО БЛОКАДА: Бараат стотици милијарди евра помал буџет на ЕУ

ШЕСТ ЗЕМЈИ СЕ ЗАКАНУВААТ СО БЛОКАДА: Бараат стотици милијарди евра помал буџет на ЕУ

Шест земји-членки на Европската Унија бараат значително намалување на предложениот буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година и предупредуваат дека без договор за кратење на расходите нема да дадат согласност за новата финансиска рамка.

Станува збор за Германија, Холандија, Шведска, Данска, Австрија и Финска. Тие заедно обезбедуваат околу 40 проценти од приходите во европскиот буџет и бараат расходите да бидат намалени за стотици милијарди евра. 

Европската комисија предлага буџет од речиси два трилиони евра за периодот 2028–2034 година, односно околу 1,26 проценти од бруто-националниот доход на ЕУ. 

Шесте земји сметаат дека идниот европски буџет треба да биде реформиран и поголем дел од средствата да се насочат кон приоритети како безбедноста и одбраната, конкурентноста, миграцијата и европскиот суверенитет. 

Нивните барања отвораат сериозен спор со земјите кои сакаат да се зачуваат поголеми средства за традиционалните европски политики, особено земјоделството и регионалниот развој. Германија и нејзините сојузници се противат и на дополнително заедничко задолжување на ЕУ како начин за финансирање на поголемиот буџет. 

Преговорите се особено сложени затоа што за усвојување на повеќегодишната финансиска рамка е потребна согласност од сите 27 земји-членки. Тоа практично значи дека несогласувањето на една или повеќе членки може да го спречи договорот.