Рускиот проект за создавање сопствена сателитска комуникациска мрежа се соочува со сериозен проблем, откако 16 сателити од програмата „Расвет“, лансирани на 19 јули, не ја достигнале планираната орбита.
Според податоците од сервисот за следење сателити N2YO, на кои се повикува Институтот за проучување на војната (ISW), сателитите се движат на височина од околу 300 до 400 километри над Земјата.
Планираната оперативна орбита, според истите информации, била на височина од околу 870 километри.
На толку ниска орбита влијанието на атмосферскиот отпор е поголемо, поради што леталата постепено губат висина доколку не успеат со сопствен погон да ја коригираат орбитата. Според објавените анализи, најмалку два од сателитите се приближуваат кон повторен влез во погустите слоеви на атмосферата, каде што се очекува да изгорат.
„Расвет“ е дел од руските напори за развој на сателитска комуникациска инфраструктура во ниската Земјина орбита, концеп кој често се споредува со системот „Старлинк“ на SpaceX.
Сателитските комуникации добија особено големо значење во војната во Украина. Украинските сили широко го користат „Старлинк“ за комуникација на терен и различни воени операции, поради што развојот на сопствени сателитски капацитети има стратешко значење и за Москва.
Сепак, информациите за причината поради која сателитите „Расвет“ не ја достигнале планираната орбита, како и за нивната конечна судбина, засега се базираат на податоци од следењето на нивните орбити и анализите објавени за програмата.







