Соединетите Американски Држави воведоа нов пакет санкции против Иран, насочен кон финансискиот круг околу новиот врховен лидер на земјата, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, како и кон уште 13 други лица.
Новите мерки доаѓаат во период на зголемени тензии, откако Иран продолжи со нападите врз танкери во Ормутскиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на енергенси.
Меѓу санкционираните се наоѓа и иранскиот банкар и бизнисмен Али Ансари, кој работи од Дубаи. Американските власти го обвинуваат дека бил дел од финансиски мрежи преку кои биле префрлани средства до ирански банки под санкции и биле прикривани активности кои Вашингтон ги оценува како нелегални.
Покрај поединци, санкциите опфаќаат и неколку компании и менувачници за кои САД тврдат дека биле вклучени во финансиски трансакции со цел заобиколување на меѓународните ограничувања.
Од Министерството за финансии на САД порачаа дека Вашингтон ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми за да го ограничи пристапот на иранското раководство до глобалниот финансиски систем.
„Ќе продолжиме да преземаме мерки за да ја изолираме иранската влада и оние кои ја поддржуваат нејзината финансиска инфраструктура“, наведоа американските власти.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи реагираше остро на одлуката на Вашингтон, обвинувајќи ги САД дека го прекршиле меморандумот за разбирање постигнат меѓу двете страни.
Според Арагчи, американската страна се обврзала дека нема да воведува нови санкции, додека Иран, како што тврди тој, ги исполнил своите обврски и се залага за односи засновани на меѓусебно почитување.
Новите санкции дополнително ги зголемуваат тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, во период кога односите меѓу двете земји остануваат крајно затегнати поради безбедносните прашања, нуклеарната политика и состојбата во регионот.







