Американската армија по прв пат јавно откри дел од операцијата „Полноќен чекан“ – воздушниот напад во јуни насочен кон иранските нуклеарни центри во Фордо, Натанз и Исфахан. Новите информации покажуваат дека клучната улога во целата операција ја имал ловецот-„невидливец“ F-35, чија задача била да ја „исчисти“ иранската противвоздушна одбрана.
Според американски команданти, токму F-35 ја открил, заглушил и уништил голем дел од ПВО-мрежата околу објектите, создавајќи безбедни воздушни коридори за стратегиските бомбардери B-2 и придружните F-22. Откако одбраната била пробиена, ударните авиони успеале да ги погодат целите со висока прецизност.
Нападот предизвикал брза иранска реакција. Следниот ден Техеран испукал балистички ракети кон американска база во Катар, но проектилите не предизвикале жртви. И покрај ескалацијата, Вашингтон оцени дека операцијата била успешна и дека ги потврдила двете работи:
– F-35 има способност да го отвори патот за големи воздушни удари – Моделот на координирана акција меѓу F-35, F-22 и B-2 ќе се користи како шаблон за идни операции
Американските генерали посочуваат дека стекнатото искуство ќе биде клучно за идните сценарија, особено во Индо-Пацификот, каде се смета дека ќе се водат воздушни битки со најсложени системи на противник.
Нападот врз иранските нуклеарни објекти уште еднаш ја потврди улогата на F-35 како „отворена врата“ за модерното војување – авион кој не само што е невидлив, туку ја уништува и способноста на противникот да се брани.
















