Швајцарија важи за најскапата земја во Европа, но и за една од најорганизираните држави во светот. Иако секој седми жител е милионер, новите истражувања покажуваат дека Швајцарците се исклучително внимателни со своите пари и штедењето им е длабоко вкоренета навика — особено во време на растечка инфлација.
Каде најмногу штедат Швајцарците?
Според големото истражување „Пулсот на Швајцарија“ на Делоит, дури 60% од граѓаните во последната година ги намалиле своите трошоци и свесно се откажуваат од работи што не им се неопходни.
1. Одење во ресторани и кафулиња
Најголемиот „удар“ е токму во угостителството: 52% од Швајцарците поретко јадат или пијат надвор од дома. За разлика од балканската навика „и со последни пари – у кафана“, кај Швајцарците ова е прва ставка што се кратат.
2. Патувања и одмори
Одморите се втора жртва на инфлацијата: 40% ги намалиле трошоците за патувања, викенд-одмори и рекреативни активности.
3. Облека и купување нови работи
Исто толку (40%) поретко купуваат облека, обувки и други производи кои не се од суштинско значење.
4. Трошоци за храна
Дури и во супермаркетите се чувствува штедењето: 34% трошат помалку на храна, а најчести стратегии се:
- следење акции и попусти – 51%
- преминување на поевтини брендови – 44%
- менување продавници за пониски цени – 37%
На што речиси воопшто не штедат?
Многу мал дел од населението се подготвени да се откажат од:
- образование (10%)
- јавен превоз (14%)
- телекомуникации (16%)
Овие категории ги сметаат за „основни“ и не ги допираат, дури и кога трошоците растат.
Зошто Швајцарците штедат?
Иако имаат силна економија и високи плати, најголем дел од населението штеди со јасна цел. 79% велат дека штедењето е неопходно поради неочекувани трошоци.
Но резултатите покажуваат и нешто интересно: само 47% успеале да заштедат пари во последните шест месеци.
Причините за штедење варираат според возраста. На пример:
- кај младите под 30 години, 19% штедат за свој прв дом — далеку повеќе од другите генерации.
Колку се финансиски сигурни Швајцарците?
Повеќе од половина од населението е задоволно од својата моментална финансиска состојба. Како главни причини ги наведуваат:
- стабилен приход (33%)
- заштедени резерви (23%)
- чувство без поголеми финансиски притисоци (20%)
Но, кога зборуваат за иднината, оптимизмот паѓа на само 44%. Главните причини за загриженост се:
- неизвесност со пензискиот систем (24%)
- ниски идни пензии (20%)
- општа несигурност за економските услови (17%)
















