Русија во раните утрински часови започна широк и координиран воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, поради што во повеќе региони беа воведени итни прекини на електричната енергија, соопшти државниот оператор „Укренерго“, додавајќи дека нападите сè уште траат.
Според украинските воздухопловни сили, напади со беспилотни летала биле регистрирани низ целата територија на земјата, вклучително и во западна Украина. Околу 5:30 часот по локално време забележана е активност на дронови во регионот Лавов, во близина на градот Ходорив, пренесе „Киев Индепендент“.
Набргу потоа, експлозии одекнале во Бурштин, во регионот Ивано-Франкивск, објави јавниот сервис „Суспилне“, повикувајќи се на локални извори.
Гувернерот на Лавовскиот регион, Максим Козицки, предупреди дека заканата продолжува, откако ракети биле детектирани и во близина на регионот Тернопол. Украинските воздухопловни сили информираа дека нови проектили се движат кон Лавов и Ивано-Франкивск, што предизвика дополнителна тревога кај населението.
Како превентивна мерка, итни рестрикции на струја беа воведени во Киев, Одеса и Дњепропетровск, соопшти енергетската компанија ДТЕК, додавајќи дека екипите се во состојба на зголемена подготвеност.

















