Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските вооружени сили извршиле воздушни напади врз објекти на транспортната инфраструктура во украинските пристаништа Одеса и Николаев, за кои тврди дека биле користени од украинските вооружени сили.
Според соопштението, при нападот со високопрецизно оружје и беспилотни летала во пристаништето Одеса биле оштетени резервоари со гориво и мазива, за кои Москва наведува дека биле наменети за снабдување на украинската армија. Во Николаев, пак, наводно бил оштетен морски влекач кој, според руските власти, бил пренаменет за употреба со беспилотни пловила.
Руското Министерство за одбрана соопшти и дека претходно биле извршени напади врз фабриката „Фајер Поинт“ во Киев, за која тврди дека произведува компоненти и боеви глави за крстосувачки ракети, како и врз други објекти поврзани со производството на украинско вооружување.
Москва повтори дека нејзините напади се насочени кон инфраструктура за која смета дека има воено значење, со цел да се намали воениот и економскиот потенцијал на Украина.
Украинските власти засега не ги коментираа овие тврдења, а информациите не можат независно да бидат потврдени.









