Војната во Украина влегува во четвртата година, а тензиите меѓу Русија и западните сојузници дополнително се зголемуваат. Директорот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, изјави дека безбедносните служби на Русија и Белорусија се подготвени за превентивни акции во случај на понатамошна ескалација.
Тој предупреди дека во случај на напад врз Русија или Белорусија, одговорот ќе биде насочен кон целиот НАТО сојуз, со посебно предупредување за Полска и балтичките држави.
„Чувствуваме и гледаме дека европските земји, особено Франција, Велика Британија и Германија, ја зголемуваат ескалацијата околу украинскиот конфликт. Затоа мораме да делуваме превентивно. Подготвени сме на тоа“, изјави Наришкин според руските државни агенции ТАСС и РИА Новости.
Тој повтори дека целите на Русија во Украина остануваат непроменети – демилитаризација, т.н. „денацификација“ и признавање на сегашните руски граници, кои ги вклучуваат и анектираните украински територии.
Први на удар: четири земји
Наришкин ја обвини Украина дека намерно го одолжува конфликтот за владата на Володимир Зеленски да остане на власт и да ја избегне одговорноста за, како што рече, „криминални одлуки“.
Посебно остро ја критикуваше Полска за милитаризацијата на границата со Русија и Белорусија, оценувајќи дека со тоа дополнително ја дестабилизира безбедносната ситуација во Европа. Исто така, остар став има и кон Естонија, Литванија и Летонија – поранешни советски републики кои стравуваат од руски напад.
„Полска не ги разбира последиците од своите потези. Ако дојде до агресија од страна на НАТО, штетата ќе му се нанесе на целиот блок, но пред сè на оние кои ги туркаат тие идеи – политичките кругови во Варшава и балтичките престолнини. Тие први ќе страдаат“, рече тој.
Белорусија, блискиот сојузник на Москва, продолжува да ја поддржува руската воена кампања, а претседателот Александар Лукашенко дозволи руско нуклеарно оружје да се стационира на белоруска територија, што предизвика остри реакции од Западот.
Лавров: Европјаните полуделе
Во сличен тон се огласи и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој потсети дека претседателот Владимир Путин во јуни 2024 година јасно порача дека Русија бара Украина формално да се откаже од членството во НАТО и да ги повлече своите трупи од четирите украински региони кои Москва ги смета за свои.
„Станува збор за правата на луѓето кои живеат на тие територии. Тие територии ни се важни и не можеме да се откажеме од нив“, рече Лавров. Русија моментално контролира околу една петтина од Украина, вклучувајќи го и Крим (анектиран 2014 година) и делови од Доњецка, Луганска, Херсонска и Запорожката област, чија анексија поголем дел од светот не ја признава.
Лавров ја пофали администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи, за разлика од европските сојузници, „се обидува подлабоко да ја разбере ситуацијата“.
Специјалниот пратеник на Трамп се сретнал со Путин
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф се сретнал со Владимир Путин на 11 април во Санкт Петербург. Изјавил дека разговорот бил „продуктивен и интересен“, дека „Путин сака мир“ и дека фокусот е на можен мировен договор кој би го вклучувал статусот на „пет територии“.
Иако не ги прецизирал, јасно е дека се работи за Крим, како и делови од Доњецка, Луганска, Херсонска и Запорожка област – територии кои Русија ги анектираше во 2022 година.
„Се гледа желба за траен мир, иако ни требаше време да стигнеме до тука“, изјави Виткоф за Fox News. Додаде и дека постојат „многу интересни деловни можности“ кои би можеле да ги стабилизираат односите меѓу САД и Русија.
Зеленски: Путин нема да застане – постои опасност од Третата светска војна
Од другата страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски за CBS изјави дека Путин нема да застане во Украина, туку има амбиција да го врати „руското царство“ кое вклучува делови од сегашни членки на НАТО.
„Ако не го сопреме во Украина, ќе оди понатаму“, рече Зеленски, додавајќи: „Сето ова може да прерасне во Трета светска војна.“