Рускиот напад со беспилотни летала и воздушни бомби врз Харков и централна Украина доведе до повредување на неколку цивили и сериозни оштетувања на медицински и инфраструктурни објекти, јави „Киев пост“.
Нападите започнале доцна во ноќта на 13 октомври, насочени кон населбите Слобидски и Салтивски, каде што избувнал голем пожар. Една од бомбите погодила помошна зграда на градската болница, која била уништена.
Гувернерот на Харковска област, Олех Синехубов, соопшти дека шест лица се повредени од скршено стакло, а болницата и околните објекти биле оштетени. Дополнително, запалена е гаража со 17 возила.
Сите 57 пациенти од болницата беа итно евакуирани, а дел од нив доживеале акутни стресни реакции.
Поради нападот, три градски области останаа без струја, што се одрази на околу 30.000 жители.
Во меѓувреме, руските сили гранатираа и во регионот Кировоград, каде што беше прекинат железничкиот сообраќај и променет возниот ред на приградските линии.