Семејствата на жртвите од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ повторно се огласија по смртта на Владимир Блажев – Панчо, пејачот од групата ДНК, кој утрово го загуби животот. Тие изразија најдлабоко сочувство до неговото семејство и потенцираа дека болката што ја чувствуваат е неподнослива, знаејќи го страдањето од губењето на своите деца во истиот настан.
Од Здружението на граѓани 16-ти март 2025, родителите ги упатија следните зборови: „Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Бог да Ви дава сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63-та жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“. Млад човек, со сонувања, со музика и со енергија што допираше срца, сега замина предвреме, оставувајќи празнина која не може да се пополни.“
Родителите истакнаа дека како луѓе кои ја почувствувале најголемата болка од губење на своите деца, ја разбираат загубата на семејството на Панчо. „Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој нем збор, секој празен момент што го остава оваа трагедија“, додадоа тие.
Тие ја потенцираа важноста на правдата и порачаа дека нема да молчат додека не се извојува за Панчо и за сите жртви од „Пулс“. „Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“, порачаа родителите.