Германско семејство тргнало со своите двајца синови на планинарење низ Јужен Тирол. Меѓутоа, родителите во долината се вратиле сами, додека момчињата ги оставиле на планината да преноќат.
Искачувањето до планинарскиот дом Бонерхите се претворило во вистинска ноќна мора за браќата на возраст од 13 и 16 години. Во ноќта меѓу петокот и саботата, тие останале потполно сами пред заклучените врати на домот, без нивните родители. Ситуацијата станала толку критична што морала да интервенира планинската спасувачка служба, која итно ги превезола во болница.
Според информациите на порталот 20min.ch, семејството првично тргнало на пешачење од местото Добијако. Од сè уште неразјаснети причини, родителите решиле да се вратат долу во долината, очигледно верувајќи дека нивните синови се доволно искусни за сами да преноќат во планинарскиот дом.
Планинарскиот дом бил заклучен
Родителите пред тргнувањето очигледно не ја провериле основната информација — дека планинарскиот дом Бонерхите, изграден уште во далечната 1897 година, е затворен уште од 11 октомври поради завршување на летната сезона.
И покрај големиот студ, браќата решиле да ја минат ноќта на отворено, пишува 20min.ch, повикувајќи се на италијанската новинска агенција АНСА. Меѓутоа, околу еден часот по полноќ, на едното од момчињата наеднаш му се слошило и почнало да повраќа, по што во паника ги повикале родителите. Дури тогаш родителите ги алармирале спасувачките служби.
Пронајдени со тешка хипотермија
Спасувачите ги пронашле момчињата во состојба на тешка хипотермија (потопладеност) и итно ги транспортирале во болницата во Сан Кандидо. Во меѓувреме, двајцата се пуштени на домашно лекување.
Иако имале планинарски обувки, момчињата воопшто не биле соодветно облечени за ноќевање на планина на температури под нулата. Претставник на планинската спасувачка служба ја оцени постапката на родителите како „неверојатна непромисленост“.
„За среќа, вакви работи се случуваат исклучително ретко“, додаде тој.






