ПРВ.мк
Свет

Ракета што го плаши светот: Што навистина е „Орешник“ и зошто нејзината употреба сега ја крева ескалацијата на ново ниво

Ракета што го плаши светот: Што навистина е „Орешник“ и зошто нејзината употреба сега ја крева ескалацијата на ново ниво
Kristal

Русија повторно го сврте вниманието на светската јавност кон едно од своите најконтроверзни оружја, откако во петокот соопшти дека во Украина била испалена хиперсоничната ракета „Орешник“. Станува збор за балистички проектил со среден дострел, чие име значи „лешник“, но чија разорна моќ, според Москва, е сè само не безначајна.

Ова е вторпат „Орешник“ да биде употребен во воени услови. Првиот пат, во ноември 2024 година, украински извори тврдеа дека ракетата носела лажни боеви глави и служела како тест. Доколку овојпат била опремена со вистински експлозив, тоа би значело прва реална борбена употреба со целосен деструктивен ефект. Русија тврди дека цел била „критична инфраструктура“, но точниот обем на штетата сè уште не е официјално потврден.

Безбедносната служба на Украина прикажа делови од проектилот пронајдени по нападот. Според објавите на Антон Герашченко, меѓу остатоците се идентификувани системот за водење и стабилизација – практично „мозокот“ на ракетата – делови од моторот и механизмите за ориентација. Украина јавно оцени дека нападот врз цивилна инфраструктура претставува воено злосторство и предупреди дека целта била загрозување на опстанокот на населението во услови на тешка зима.

Она што ја прави „Орешник“ особено загрижувачка, според воените аналитичари, е можноста да носи повеќе боеви глави кои можат истовремено да погодат различни цели – карактеристика типична за интерконтинентални ракети. Системот е развиен врз основа на RS-26 „Рубеж“ и може да носи и конвенционални и нуклеарни боеви глави. Иако нема индикации дека во последниот напад била користена нуклеарна компонента, брзината од околу 13.600 километри на час и времето на лет од приближно 15 минути ја прават исклучително тешка за пресретнување.

Владимир Путин повеќепати изјави дека „Орешник“ е практично невозможно да се запре и дека нејзината конвенционална моќ е споредлива со нуклеарна. Сепак, дел од западните воени експерти сметаат дека овие тврдења се претерување и дека станува збор за експериментален систем кој Русија го поседува во ограничени количини. Американски претставници уште кон крајот на 2024 година оценија дека ракетата не е „оружје што ја менува војната“.

Од 2024 година, Русија започна со сериско производство на „Орешник“ и дел од ракетите ги распореди и во Белорусија. Според Москва, последниот напад бил одговор на наводен обид за украински напад врз резиденција на Путин – тврдење што Киев целосно го негира.

Фактот дека целта се наоѓала во регионот Лавов, во близина на границата со Полска, дополнително ја зголеми загриженоста во НАТО. Украинските власти го опишаа нападот како „глобална закана“, додека ескалацијата доаѓа во момент кога Доналд Трамп се обидува да посредува во мировни разговори меѓу Москва и Киев, речиси четири години по почетокот на руската инвазија.

FixCredit
Escape