ПРВ.мк
Свет

Путин ослободи поранешен американски маринец од руски затвор, Трамп откри што стои зад одлуката

Путин ослободи поранешен американски маринец од руски затвор, Трамп откри што стои зад одлуката

Русија го ослободи Роберт Гилман, поранешен американски маринец, кој од 2022 година се наоѓаше во руски затвор, а американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека одлуката следела по негов разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Според американски официјални лица, 32-годишниот Гилман бил ослободен откако Путин го помилувал поради неговата нарушена здравствена состојба.

Американските власти претходно барале негово ослободување за да може да се врати во САД и таму да продолжи со лекување.

Трамп ја поздрави одлуката на Москва и нагласи дека за ослободувањето не била договорена размена на затвореници.

„Ја цениме оваа одлука и фактот што Русија не побара никого за возврат – немаше никаква размена“, изјави Трамп.

Гилман бил уапсен во јануари 2022 година додека патувал со воз, а потоа бил затворен во Воронеж.

Според руските државни медиуми, тој бил обвинет дека во алкохолизирана состојба удрил полицаец, по што бил осуден на четири и пол години затвор.

По ослободувањето, Гилман со авион на американскиот Стејт департмент се упатил кон САД, а неговото пристигнување е предвидено на аеродромот „Вашингтон Далес“.