Нападите на украинските дронови длабоко во територијата на Русија предизвикаа недостиг на гориво, ја оптоварија економијата, внесоа немир меѓу обичните граѓани и му зададоа сериозни главоболки на рускиот претседател Владимир Путин. Покрај тоа, украинските сили практично го одсекоа окупираниот Крим од остатокот од Русија и продолжуваат да напаѓаат бродови во Црното и Азовското Море. Сепак, и Русија во последно време оствари одредени успеси.
Новата, значително побрутална кампања на напади врз украинските пристаништа на Црното Море ја соблече суровата вистина: Украина нема доволно ПВО ракети, нарушен е извозот на жито, скратени се приходите на државата, а запрени се и испораките на оружје за украинската војска. Земјоделството чини дури 60 отсто од вкупниот стоковен извоз на Украина, па овие руски напади доаѓаат во најлошиот можен момент - токму кога земјоделците се подготвуваат за жетва.
Ако оваа блокада потрае, Русија би можела да го пресече клучниот извор на девизни приходи за Украина и да ја зајакне својата преговарачка позиција во светот така што ќе им нанесе удар на големите увозници на жито во Африка и Азија, пишува „Тајм“.
Киев, од друга страна, се обидува да ги намали димензиите на штетата. По двонеделните жестоки удари на руските дронови и ракети врз Одеса и другите приморски градови, украинскиот министер за земјоделство Тарас Висоцки тврдеше во јули дека пристаништата се сè уште отворени и оперативни. Сепак, околу 90 отсто од сопствениците на бродови ги обуставија доаѓањата бидејќи - исто како и во Ормускиот Проток близу Иран - трошоците за осигурување скокнаа во небеса поради константната опасност од нови напади.
Ова не е првпат поморскиот сообраќај на Црното Море да биде прекинат од почетокот на руската инвазија. Брановите руски напади врз пристаништата кон крајот на 2025 и почетокот на 2026 година не го забавија нивниот ископ за долго. Но, овие последни удари се и пошироки и пожестоки, во голема мера затоа што неодамнешните успеси на Украина, особено во самата Русија, го испровоцираа Путин да се обиде да ја врати иницијативата на frontot. Засега, и Украина и Русија остануваат посветени на агресивни воени стратегии.
Путиновата тактика и главната цел
Непосредниот проблем на Украина е тоа што се потпира на ограничените залихи од американските ПВО системи „Патриот“ - единствената сигурна одбрана од руските ракети - за да ги заштити своите градови и воени линии за снабдување. Преместувањето на „Патриотите“ за одбрана на пристаништата би било и прескапо и исклучително ризично. Свесна за тоа, Русија ќе продолжи да ги гаѓа пристаништата со ракети и дронови, не оставајќи им причина на осигурителните компании да ги намалат премиите, ниту на сопствениците на бродови мотив да се вратат.
Покрај тоа што ги намалува приходите на Киев и неговата способност да ја финансира војната, Москва се надева дека со скокот на цените на храната на глобално ниво ќе ја ослабне и меѓународната поддршка за Украина. Украина обезбедува четвртина од увозот на пченица за Египет и околу 18 проценти за Индонезија. Исто така е најголем доставувач на пченка за Европската Унија, покрива дури 92 отсто од нејзиниот увоз на сончогледово масло и останува клучен извор на сточна храна и растителни масла.
Путин смета на тоа дека поскапувањето на храната - во момент кога американската војна со Иран веќе ги крева цените на нафтата и сè друго - ќе ги принуди украинските трговски партнери, пред сè во Европа, да извршат притисок врз Киев да ги обустави нападите внатре во Русија. Сепак, мало е веројатно дека таа стратегија ќе успее, се наведува во анализата на „Тајм“.
Што може да направи Украина
Поддршката од Европа за Украина и понатаму е цврста, а владите што ги трпат последиците од поскапувањето попрво ќе ја обвинат Москва отколку Киев. Сепак, Путин очајно сака победи на фронтот, па ќе турка по свое дури и без чиста и убедлива победа на хоризонтот. Исто така, не треба да се очекува ниту обновување на договорот постигнат под закрила на Обединетите Нации во јули 2022 година, кој претходно овозможи безбедна пловидба до и од украинските пристаништа.
Исто како што кризата во Ормускиот Проток ги принуди соседните земји трескавично да бараат нови патишта за извоз на нафта од Персискиот Залив, така и Украина би можела да го пренасочи извозот на жито преку Дунав, романските пристаништа и железницата, како што тоа го правеше на почетокот на војната. Но, како и тогаш, тие алтернативни решенија се скапи и логистички значително покомплицирани.
Поради сето ова, природата на руската војна против Украина ќе продолжи да се менува додека двете страни бараат начин да ја прекинат патот-позицијата на фронтот во своја корист. А економската штета, која се чувствува далеку надвор од границите на Украина и Русија, ќе продолжи да се таложи.








