Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ упатила официјално предупредување на Украина да ги прекине нападите врз неруски трговски бродови во Црното Море, објавуваат американски медиуми.
Според информациите, дипломатската порака била испратена по состанок меѓу високи претставници на администрацијата и челници на американската нафтена индустрија, меѓу кои и извршниот директор на „Шеврон“, Мајк Вирт. На средбата, наводно, било побарано дополнително да се заштитат интересите на американските енергетски компании кои работат во Казахстан.
Реакцијата на Вашингтон следела по украинските напади со беспилотни летала врз четири танкери во близина на руското пристаниште Новоросијск. Според извештаите, еден од погодените бродови бил изнајмен од компанијата „Шеврон“.
Американски функционер за „Волстрит журнал“ потврдил дека по инцидентот до Киев било испратено официјално предупредување во кое било наведено дека нападите врз бродови кои не се руски се сметаат за неприфатливи.
Воедно, американската администрација го оценува Конзорциумот за Каспискиот нафтовод (CPC) како стратешки важен за транспортот на казахстанска нафта до европските пазари и како значајна алтернатива на руските енергетски извори.
Пристаништето Новоросијск претставува главна извозна точка за нафтата што пристигнува преку Каспискиот нафтовод, преку кој се транспортираат околу два проценти од светското дневно производство на сурова нафта.
„Шеврон“ поседува 15 проценти удел во Конзорциумот за Каспискиот нафтовод, а истовремено има 50 проценти сопственост во нафтеното поле Тенгиз во Казахстан, едно од најголемите нафтени полиња во светот.







