ПРВ.мк
Свет

Нова цел на САД? Подземниот комплекс „Пикакс“ во Иран повторно во фокусот

Нова цел на САД? Подземниот комплекс „Пикакс“ во Иран повторно во фокусот

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, откако најави дека САД би можеле да извршат напад врз подземниот комплекс „Пикакс“ во Иран, за кој тврди дека се користи за активности поврзани со збогатување ураниум.

Од иранска страна веднаш следуваше предупредување дека евентуален напад врз нуклеарните постројки ќе доведе до дополнителна ескалација на конфликтот.

Комплексот „Пикакс“ се наоѓа во покраината Исфахан, во близина на нуклеарниот објект Натанц, и е изграден длабоко под планински масив. Поради високото ниво на безбедност, инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија досега немале пристап до објектот, а најголемиот дел од информациите потекнуваат од сателитски снимки и разузнавачки проценки.

Според достапните анализи, изградбата на комплексот е интензивирана по експлозијата во Натанц во 2020 година, кога иранските власти најавија дека дел од чувствителната опрема ќе биде преместена во подобро заштитени подземни објекти.

Проценките на безбедносните експерти укажуваат дека комплексот би можел да се наоѓа на длабочина од 80 до 100 метри, што го прави еден од најзаштитените ирански објекти од ваков тип. Токму поради тоа, аналитичарите сметаат дека неговото целосно уништување со воздушен напад би било исклучително тешко.

Воените експерти посочуваат дека и најмоќните бомби наменети за пробивање бункери имаат ограничен капацитет за продирање, па не е извесно дали би можеле да стигнат до најдлабоките делови од комплексот. Поради тоа, дел од аналитичарите оценуваат дека евентуална воена операција би можела да биде насочена кон блокирање на влезовите во тунелите, уништување на пристапната инфраструктура и попречување на функционирањето на објектот, наместо негово целосно уништување.