Најмалку 87 припадници на руските Сили за специјални операции загинале од почетокот на руската инвазија врз Украина, покажува истражувањето на независниот руски портал „Важни истории“.
Новинарите дошле до овие информации преку анализа на протечена база на податоци на руската државна статистичка служба „Росстат“, пренесува „Медуза“.
Според истражувањето, најмалку 54 припадници на елитната единица загинале на територијата на Украина, додека тројца им подлегнале на повредите во руски болници. Дел од останатите загинале во Сирија и на територијата на Русија.
Новинарите нагласуваат дека станува збор за минимална проценка, бидејќи во анализата се опфатени само лица чија поврзаност со единицата можеле веродостојно да ја утврдат.
Една од најтаинствените руски воени единици
Руските Сили за специјални операции се сметаат за една од најелитните и најтаинствените единици на руската армија.
Нејзините припадници учествувале во руското преземање на контролата врз Крим во 2014 година, евакуацијата на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и воените операции во Сирија.
Хакерски напад откри податоци за руските загуби
Врз основа на истата база на податоци, независните руски медиуми „Медуза“ и „Медијазона“ ги ажурирале и проценките за вкупните руски воени загуби.
Според нивните пресметки, до крајот на септември 2026 година загинале најмалку 490.000 руски војници, додека вкупниот број загинати и исчезнати би можел да достигне 700.000.
Овие бројки претставуваат проценки на независни истражувачки медиуми, а не официјално потврдени податоци од Москва.







