Најмалку едно лице загина, а 13 се повредени во ноќните руски напади врз Киев, извршени со балистички ракети, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби. Нападот следува само еден ден по украинските напади врз цели во Русија, во кои исто така беа пријавени жртви.
Експлозиите се слушале низ целиот главен град, а една од нив била толку силна што ги активирала алармите на паркираните автомобили во центарот на Киев. Украинските воздухопловни сили потврдија дека станува збор за координиран напад со балистички ракети.
Според итните служби, погодени се пет градски реони. Во Десњанскиот реон се запалиле повеќе автомобили во близина на голем трговски центар, додека во Шевченковскиот реон пожар избувнал во станбена зграда по пад на остатоци од соборен проектил. Во Соломјански и Свјатошински биле зафатени станбен објект, супермаркет и приватна куќа.
Во Днипровскиот реон се запалиле трговско-забавен центар и повеќе возила. Спасувачите извлекле четири лица од запалена куќа во Свјатошински, а при расчистување на урнатините во Шевченковскиот реон било пронајдено телото на загинатиот маж.
Нападот доаѓа по вчерашниот украински удар со беспилотни летала врз два логистички центри во Русија, при што загинаа најмалку осум лица, а беше запален и нафтен склад во Московската област. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека погодените објекти биле користени за испорака на компоненти под санкции за производство на беспилотни летала и навигациска опрема.
Во меѓувреме, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека руската престолнина во текот на ноќта била цел на напад со повеќе од 370 дронови, од кои, според него, најголемиот дел биле соборени.
Нападот врз Киев се случува во чувствителен период за Украина, која се соочува и со внатрешни политички тензии и со недостиг од ракети за американските системи „Патриот“, клучни за одбрана од балистички проектили. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави поддршка за производство на ракети „Патриот“ во Украина, а Зеленски изјави дека производството би можело да започне до крајот на 2026 година.







