Светот и Јапонија се простуваат од д-р Шигеко Кагава, жената која влезе во историјата како најстара лекарка и најстара личност во Јапонија. Почина во 115-тата година од животот, оставајќи зад себе неверојатна животна приказна, но и едноставни совети за долг живот кои секој од нас може веднаш да ги примени во своето секојдневие.
Докторката Шигеко Кагава, која работела како гинеколог-акушер и специјалист по интерна медицина, активно лекувала пациенти сè до своите доцни 80-ти години. За време на Втората светска војна работела во болница во Осака, а подоцна раководела со сопствена приватна клиника во префектурата Нара. Дури и во длабока старост, оваа неверојатна жена пленела со енергија – на полни 109 години го носеше олимпискиот оган за Олимписките игри во Токио!
„Мојата долговечност лежи во моите нозе“
Кога новинарите и колегите лекари ја прашувале во што е тајната на нејзината виталност и длабока старост, д-р Кагава секогаш ја истакнувала една работа што ја правела целиот живот, а која не чини апсолутно ништо – секојдневното пешачење.
Во едно од своите последни обраќања до јавноста, д-р Кагава отворено изјави: „Мојата долговечност е закоренета во мојата навика да пешачам толку многу и тоа долги години.“
Она со насмевка се присетуваше на своите лекарски почетоци: — Кога бев лекар, немаше автомобили како денес. Носев традиционални дрвени кломпи и минував огромни растојанија пешки за да ги прегледам пациентите. Мислам дека токму тоа ме направи силна и здрава — рече таа во едно од последните интервјуа.
Оваа навика ѝ создала силни нозе и одлична циркулација, што самата лекарка го нарекувала „извор на својата животна енергија“. Дури и кога имала слободен ден, или кога пациентите ќе ја повикале среде ноќ, таа не седнувала во превоз, туку одела пешки.
Три златни правила на докторката за долговечност:
Освен одењето, нејзиното семејство откри дека Шигеко не правела ништо екстремно ниту држела компликувани диети. Клучот бил во строго почитување на едноставна рутина:
- Редовни оброци: Јадела секогаш во исто време и имала точно три оброци дневно кои никогаш не ги прескокнувала. Не се прејадувала, туку консумирала нутритивно богата храна во мали количини (во подоцнежните години претпочитала тофу, јајца и црн грав).
- Стриктен сон: Одела на спиење и се будела секогаш во исто, одредено време.
- Ментална активност: Секојдневно читала дневен печат со лупа, се занимавала со калиграфија и играла игри за тренинг на мозокот на таблет.
„Немам тајна, јас само се играм секој ден“
Покрај физичкото здравје, д-р Кагава верувала дека тајната на долгиот живот е во менталниот став, слободата и отсуството на стрес.
На прашањето како да се достигнат нејзините години со таков дух, таа низ смеа изјави за „TOS News“: — Немам никаква тајна. Јас само се играм секој ден. Мојата енергија е мојот најголем имот. Одам каде што сакам, јадам што сакам и правам што сакам. Слободна сум и независна.
Д-р Шигеко Кагава му докажа на светот дека формулата за 115 години живот не е скриена во скапи препарати, туку во движењето, умерената исхрана и ведриот дух кој не му дозволува на мозокот да остари.







