Пабло Гарсија, 20-годишниот шпански фудбалер и еден од најталентираните производи на школата на Бетис, го напушти клубот во кој го мина целото свое детство. Во последниот ден од преодниот рок, тој беше продаден на Расинг Сантандер за 5,5 милиони евра, а камерите забележаа исклучително емотивен момент при неговото заминување од тренинг-центарот.
Младиот фудбалер во солзи го напушти тренинг-комплексот „Сиудад Депортива Луис дел Сол“, а во автомобилот до него беше неговата мајка. Како што пренесуваат шпанските медиуми, тој бил испратен и од фановите на Бетис кои се собрале пред клупските простории, а снимениот материјал го прикажува Гарсија како едвај зборува од силните емоции.
Причината за ваквата реакција е повеќе од јасна — Гарсија пристигна во Бетис уште од предучилишна возраст и ги помина сите младински категории, станувајќи најдобар стрелец во историјата на помладите возрасни групи во клубот. Неговиот татко, Рамон, за емисијата „Ел Чирингито“ изјави дека неговиот син по цели 15 години морал да го испразни својот шкаф во соблекувалната.
— Кога отиде да ги собере работите по 15 години, можете да замислите како му беше — изјави неговиот татко, додавајќи дека постоела можност Пабло да остане, но управата на Бетис проценила дека понудата на Расинг е финансиски добра за клубот.
Бетис мораше да го продаде поради финансиски проблеми
Трансферот се случи во моменти кога Бетис се обидуваше да ја затвори финансиската конструкција за крајот на преодниот рок. Клубот имаше желба да го врати Дани Себаљос од Реал Мадрид, но поради правилата на Ла Лига мораше да ослободи простор во буџетот за плати.
Гарсија беше играч кој клубот можеше брзо да го уновчи, додека за останатите фудбалери на трансфер-листата немаше соодветни понуди или самите одбиваа да заминат.
Според медиумските извештаи, Расинг за 20-годишното крило плати 5,5 милиони евра плус можни бонуси. Бетис официјално го потврди трансферот, зачувувајќи процент од следната продажба и право да ја изедначи секоја идна понуда од друг клуб.
Гарсија потпиша договор со Расинг до летото 2030 година. За првиот тим на Бетис одигра 33 официјални натпревари и постигна три гола, со што остана запишан како единствен играч во историјата на клубот кој постигнал погодок во сите можни возрасни категории — од најмладите пионери до сениорскиот тим.








