ПРВ.мк
Македонија

ПОЛИЦИЈАТА ЗАПРЕ 14-ГОДИШНИК ВО ВЕЛЕС: Возел мопед спротивно, па се обидел да побегне!

ПОЛИЦИЈАТА ЗАПРЕ 14-ГОДИШНИК ВО ВЕЛЕС: Возел мопед спротивно, па се обидел да побегне!

Полицијата во Велес лишила од слобода 14-годишен малолетник откако бил забележан како управува мопед во спротивна насока, а потоа се обидел да избега откако ја забележал полициската патрола.

Инцидентот се случил на 1 септември околу 10 часот на улицата „11 Октомври“ во Велес. Полициските службеници забележале мопед кој се движел во спротивна насока од пропишаното.

Откако ја забележал патролата, возачот го запрел и го оставил мопедот, по што се дал во бегство.

Полицијата веднаш презела мерки за утврдување на идентитетот на лицето кое го управувало мопедот. По извршените проверки, било утврдено дека станува збор за 14-годишник од Велес.

Со малолетникот бил извршен службен разговор, кој се одржал во присуство на неговиот родител и претставник од Центарот за социјална работа Велес.

Мопедот бил одземен од страна на полицијата, а случајот продолжува да се документира.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното расчистување и документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежните институции.