ПРВ.мк
Македонија

НОВ УДАР ЗА СЕМЕЈНИТЕ БУЏЕТИ: Поскапува меѓуградскиот автобуски превоз - еве за колку!

НОВ УДАР ЗА СЕМЕЈНИТЕ БУЏЕТИ: Поскапува меѓуградскиот автобуски превоз - еве за колку!

Граѓаните кои секојдневно патуваат од еден во друг град поради работа, студирање или други обврски повторно ќе мора да издвојуваат повеќе средства за автобуски превоз. Новите цени особено ги погодија патниците на релацијата Тетово–Скопје, каде што билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари.

Тоа значи дека патувањето во двата правци во еден ден чини 500 денари, односно токму толку изнесува и цената на повратниот билет.

Зголемување на цените има и на релацијата Куманово–Скопје. Таму билетот во еден правец е поскапен од 170 на 200 денари, додека повратниот билет сега чини 400 денари.

За луѓето кои секој работен ден патуваат до Скопје, ова поскапување не е мал дополнителен трошок, туку може значително да влијае врз нивниот месечен буџет.

Доколку работник од Тетово со минимална плата од околу 26.000 денари патува до Скопје и назад во текот на сите 22 работни дена во месецот, само за автобуски превоз би потрошил околу 11.000 денари месечно.

Тоа претставува приближно 42 отсто од неговата плата, што покажува колкав товар може да биде секојдневното патување за лицата кои зависат од меѓуградскиот превоз.

Слична е ситуацијата и за граѓаните од Куманово. Со новата цена, лице кое секојдневно патува до Скопје во двата правци би издвојувало околу 8.800 денари месечно. Тоа е приближно една третина од износот на минималната плата.

Повисоките цени веќе предизвикуваат незадоволство кај патниците, особено кај работниците и студентите кои секојдневно мораат да патуваат до главниот град и немаат соодветна алтернативна можност за превоз.

Од Министерството за економија и труд посочуваат дека во услови на пазарна економија цените се формираат слободно. Оттаму велат дека во моментов не постои законска основа со која би можело да се ограничи нивното зголемување.

Од друга страна, приватните автобуски превозници засега немаат излезено со официјално објаснување за причините поради кои дошло до поскапување на билетите.

За граѓаните кои зависат од автобускиот превоз, сепак, новите цени значат дополнителен финансиски товар, особено за оние кои секојдневно патуваат на релациите Тетово–Скопје и Куманово–Скопје.

Најнови вести