Кинеско-јапонските односи влегоа во нова опасна фаза откако Пекинг остро реагираше на изјавите на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која неодамна посочи дека Јапонија би можела воено да одговори доколку Кина преземе агресивни чекори кон Тајван.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го нарече ставот на Токио „шокантен“ и предупреди дека Јапонија ја преминала „црвената линија“ која, според Пекинг, никогаш не смеела да биде допрена. Во острата реакција објавена на веб-страницата на кинеското МНР, Ванг оцени дека коментарите од јапонска страна испраќаат „опасен и погрешен сигнал“ и претставуваат директен обид за мешање во тајванското прашање – тема која Кина ја смета за своја внатрешна работа.
Пекинг истакна дека мора „решително да одговори“ и ги повика другите земји да спречат „оживување на јапонскиот милитаризам“, потсетувајќи на историските тензии и конфликтите меѓу двете држави.
Кинеската дипломатија реагираше и на меѓународно ниво. Во петокот, Кина испрати писмо до генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, во кое ги осуди изјавите на Такаичи како „сериозно кршење на меѓународното право и дипломатските норми“.
Во основата на спорот е Тајван – самоуправен остров кој Кина го смета за дел од својата територија и јавно не ја исклучува можноста за вооружено припојување. Изјавите на јапонската премиерка, кои се значително поостри од позициите на нејзините претходници, вклучуваат јасна алузија дека јапонската војска би можела да реагира во случај на кинеска блокада или напад.
Иако подоцна избегна да навлегува во конкретни сценарија, Такаичи одби да ги повлече изјавите, што дополнително ги засили тензиите во регионот.
Кина смета дека САД – најголемиот поддржувач на Тајван – ги охрабруваат своите азиски сојузници, меѓу кои и Јапонија и Филипините, да се спротивстават на кинеското влијание.
Дипломатската криза што се отвори меѓу Пекинг и Токио ги загрижува азиските аналитичари, бидејќи доаѓа во период кога ситуацијата околу Тајван е веќе нестабилна. Со заострената реторика од обете страни, се оценува дека ново жариште во Источна Азија станува сè пореално сценарио.
















