Папата Лав XIV ќе одржи приватна средба со Зеленски
Денеска во Ватикан се одржа значаен настан за новиот папа Лав XIV и за Римокатоличката црква. Папата се појави пред над 10.000 верници, ги поздрави, а потоа свечено пристигна на плоштадот Свети Петар каде што се одржа инаугурацијата. Светата миса започна во 10 часот по локално време и на неа присуствуваа бројни високи црковни и државни претставници.
Сепак, вниманието на јавноста за миг се одврати од литургијата, откако Sky News објави важна вест со глобално политичко значење – папата Лав XIV денес попладне ќе оствари приватна средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Лав XIV, кој е првиот папа од САД во историјата на Католичката црква, претходно изјави дека лично ќе вложи „сè што е во негова моќ“ за да помогне во запирање на војната во Украина. Тој, исто така, предложи Ватикан да биде потенцијално место за одржување мировни преговори.
Оваа средба се очекува да го засили дипломатскиот ангажман на Светиот Престол во потрагата по решение за конфликтот кој и понатаму го потресува источниот дел на Европа.