Францускиот претседател Емануел Макрон упати силна порака до странските инвеститори од Тирана, охрабрувајќи ги да инвестираат во Албанија – земја за која изрази увереност дека „во следните две години ќе биде дел од Европската унија“.
Оваа изјава Макрон ја даде на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот Иницијатива за идни инвестиции на Ричард Атијас. Форумот има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со водечки инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е порта кон Балканот и медитеранскиот регион. Европа останува стабилна и доверлива – вредности кои не смееме да ги потцениме во денешниот непредвидлив свет“, истакна Макрон.
Тој додаде дека албанскиот премиер Еди Рама има цврст мандат и јасна визија за интеграција на земјата во ЕУ до 2027 година, но според Макрон, тоа може да се случи и побрзо – потенцијално веќе за две години.
Самиот премиер Рама изјави дека Албанија официјално ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година. Доколку успешно ги исполни поставените обврски, преговорите би можеле да се затворат до 2027 година – што, според него, би било „навистина неверојатно достигнување“.