Првиот вицепремиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, во јавна изјава нагласи дека ВЛЕН останува вистинската политичка алтернатива за Албанците во Северна Македонија, обединувајќи ги вредностите на принципиелност, чесност и обнова на политичкото претставување.
„ВЛЕН е духот на обединувањето. ВЛЕН е обединување околу промената. Тоа е политичка организација која ја одразува желбата на секој Албанец и Албанка за квалитетно, принципиелно и чесно политичко претставување“, изјави Меџити.
Тој потенцираше дека коалицијата ВЛЕН се дистанцира од старите политички матрици и од, како што рече, антивредностите кои ја обременувале политичката сцена со интриги, поделби и комплот.
„ВЛЕН е антипод на политичарите од минатото кои своите кариери ги градеа врз основа на поделби и лични интереси. ВЛЕН е вредност. И од ВЛЕН замина антивредноста“, рече Меџити, алудирајќи на неодамнешните случувања во редовите на коалицијата.
Тој додаде дека коалицијата составена од Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и Левизја останува силна и обединета, а битката која ја водат е пред сѐ битка за принципи.
„Ова е битка за принципи. Нема триумфализам. На крајот, победуваат Албанците“, порача Меџити.