Снимка од ракувањето меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и францускиот претседател Емануел Макрон, направена за време на Шестиот самит на Европската политичка заедница во Албанија, стана вирална на социјалните мрежи поради необичната и несекојдневна интеракција меѓу двајцата лидери.
На видеото се гледа како претседателот Ердоган со својата лева рака ја фаќа десната рака на Макрон и ја повлекува кон себе, додека со десната рака нежно ја тапка. Како одговор, Макрон ја става својата лева рака врз десната рака на Ердоган. Меѓутоа, во следниот момент, турскиот претседател со десната рака ги фаќа показалецот и средниот прст од левата рака на Макрон. Францускиот претседател успева брзо да го ослободи показалецот, но Ердоган го задржува неговиот среден прст неколку секунди, пред да го пушти.
Видеото предизвика големо внимание и коментари на интернет, со бројни шпекулации за вистинската причина зад ваквото однесување. Според турски медиуми, Ердоган реагирал на ваков начин затоа што сметал дека Макрон се обидел да воспостави психолошка доминација со тоа што му ја ставил раката на рамото – гест што турскиот претседател го протолкувал како знак на надмоќ.
Иако станува збор за кратка размена, ваквите суптилни моменти од дипломатските средби често се предмет на внимателна анализа, особено кога вклучуваат политички ривали со сложени билатерални односи.