Во серија жестоки воздушни напади изведени од израелската армија во текот на ноќта и утринските часови низ Појасот Газа, според извештаите на германската новинска агенција ДПА, наводно загинале најмалку 81 лице, а многу други се повредени.
Палестинската новинска агенција ВАФА информира дека меѓу загинатите се голем број жени и деца. Повикувајќи се на медицински извори, ВАФА објави дека еден од најтешко погодените напади се случил во областа Ал-Маваси, во јужниот дел на енклавата, каде што загинале над 20 лица, а повеќе од 100 се ранети. Според истите извори, нападот погодил шатор во кој биле сместени раселени цивили.
Овие информации засега не можат да бидат независно потврдени, нагласува ДПА.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека го истражуваат инцидентот, како одговор на обвинувањата.
Палестинските извори јавуваат за повеќе смртоносни напади во различни области на крајбрежната енклава. Истовремено, израелската армија пред два дена најави дека ќе го засили воениот притисок врз Хамас, милитантната група која сè уште држи десетици заложници. Во рамки на новата офанзива, наречена „Кочиите на Гидеон“, Израел започна обемни операции со цел преземање и задржување на територија.
Израелските власти информираа дека нивниот план вклучува и преместување на стотици илјади цивили од северниот кон јужниот дел на Појасот Газа.
Меѓународни набљудувачи изразуваат сериозна загриженост дека новата етапа од офанзивата може да резултира со уште поголем број цивилни жртви, особено имајќи ги предвид веќе катастрофалните хуманитарни услови во регионот.
Од почетокот на март, Израел ја блокира испораката на хуманитарна помош во Газа, обвинувајќи го Хамас дека ја злоупотребува и препродава наменетата помош за сè посиромашното население, потсетува ДПА.