Италија е зафатена од бран силни бури придружени со град и удари на ветер кои би можеле да надминат 100 километри на час, со што заврши двонеделниот период на екстремни горештини. Невремето предизвика поплави, уриваше дрвја и однесе покриви во одредени области, додека на превојот Стелвио на Алпите падна снег.
Метеоролозите наведуваат дека до влошување на времето дошло како резултат на продор на ладен фронт од Северна Европа, кој се судрил со масата на исклучително топол воздух што ја зафати Италија во претходните недели, пренесува порталот „Quotidiano“.
Невремето се шири кон центарот и југот
Според прогнозите, невремето од северот на земјата во наредните денови ќе се прошири и во централните и јужните делови на Италија, носејќи пад на температурите и освежување, но и ризик од екстремни временски појави.
Италијанските власти издадоа портокалово предупредување поради опасност од невреме за поголемиот дел од Ломбардија, додека жолт метеоаларм е на сила во повеќе региони, вклучувајќи ги:
- Венето
- Фурланија-Јулиска Краина
- Трентино-Јужен Тирол
- Емилија-Ромања
Нов пресврт веќе за викендот
И покрај моменталното драстично заладување и снежните сцени на повисоките алпски превои, метеоролозите предупредуваат дека ова нема да трае долго. Според нивните најави, веќе во текот на претстојниот викенд Италија би можела да биде погодена од нов бран на високи температури.








