Американската Тајна служба не примила 102 локални радиоизвештаи за вооружениот напаѓач за време на атентатот врз претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на предизборниот митинг во 2024 година во Батлер, Пенсилванија, покажа извештајот на владиното надзорно тело.
Според наодите на генералниот инспектор на Министерството за домашна безбедност, на 13 јули 2024 година, Тајната служба не била запознаена со поголемиот дел од комуникациите на локалните органи на редот, бидејќи не воспоставила заедничка просторија за комуникација со нив, пренесе „Ројтерс“.
Во извештајот се наведува дека агенцијата, во врска со осомничениот Томас Крукс, примила само пет телефонски повици и три СМС-пораки, додека локалните служби истовремено размениле дури 102 радиопреноси во врска со потрагата по него.
„Како резултат на тоа, припадниците на Тајната служба не го предупредија претседателот Трамп за загриженоста поради сомнителното лице“, се наведува во извештајот.
При овој инцидент, Трамп се здоби со повреда на увото кога куршумот само го грезна. Според извештајот, напаѓачот се качил на покрив во близина на местото на настанот, кој имал директно видно поле кон бината.
Неисправен систем и неоспособен оператор
Во извештајот се наведува и дека Крукс претходно управувал со дрон над тоа подрачје, но летот не бил откриен бидејќи системот на Тајната служба за борба против дронови не бил оперативен во моментот на настанот.
Според наодите:
- Со системот управувал недоволно обучен оператор.
- Операторот не го тестирал системот пред почетокот на митингот.
- Операторот со часови се обидувал да отстрани технички проблем.
За тоа време, осомничениот непречено извел речиси деветминутен лет со дронот.







