Класичните лежечки полицајци, кои со години ги нервираат возачите, полека се заменуваат со паметна технологија што прави јасна разлика меѓу дисциплинираните и оние што ги прекршуваат правилата.
Во неколку европски градови веќе се тестира нов систем кој функционира на сосема поинаков принцип. Наместо фиксна препрека што ги успорува сите возила, новото решение реагира само кога возачот ја надминува дозволената брзина.
Системот комбинира камера и механизам вграден во патот. Доколку автомобилот се движи во рамки на дозволеното, површината останува рамна и возењето е мазно. Но, ако се детектира поголема брзина, дел од патот се спушта и создава ефект сличен на класичен лежечки полицаец – доволен за возачот да почувствува непријатен удар.
На овој начин, казната е насочена исклучиво кон оние што возат пребрзо, додека останатите не трпат никакви последици. Освен тоа, се намалува и оштетувањето на возилата, како и бучавата што ја создаваат традиционалните решенија.
Според тестирањата, оваа технологија придонесува за подобар проток на сообраќај и поефикасно регулирање на брзината. Со оглед на резултатите, се очекува ваквиот систем да се прошири и во други градови, што би можело целосно да го промени начинот на контрола на сообраќајот во иднина.








